Актуарите се стручни лица, едуцирани од областа на математика, статистика, веројатност и финансии. Актуарите поседуваат аналитички и деловни вештини кои ги применуваат при анализа на финансиската неизвесност и ризиците за целите на комплексните финансиски и социјални системи во целиот свет.
Актуарите преку анализа на минатите настани, и оценка на тековните ризици, креираат модели кои ги користат за проектирање на идните настани. На тој начин ги предвидуваат финансиските импликации врз работењето и обезбедуваат значајни информации за креаторите на долгорочните стратегии.
Повеќе од 100 години, актуарите во светот ја даваат својата експертиза во управувањето со ризик во осигурувањето на живот, неживотното осигурување, пензиското и здравственото осигурување, а се повеќе се ангажирани и во корпоративните финансии, инвестициите, банкарството, регулативата, образованието, итн.
Покрај математичките познавања, актуарите добро ја разбираат економијата, праксата и законите во државата во која работат, демографските и финансиските движењa, и на практичен и соодветен начин ги презентираат актуарските познавања и резултатите од анализите.
Актуарите, преку националните актуарски здруженија, придонесуваат за заштита на јавниот интерес на земјата преку примена на своите знаења за јавни добра и давање помош и совети во врска со регулативата во областа на финансиите и социјалното и здравственото осигурување.