Согласно Законот за супервизија на осигурувањето во Република Македонија:
- Овластен актуар е лице кое има дозвола за работа како овластен актуар од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување.
- Овластениот актуар е независен и самостоен во вршењето на работата и одговара за точноста на утврдените дејствија.
- За добивање дозвола за работа како овластен актуар, лицето мора да ги исполнува следниве услови:
- да има завршено четиригодишно високо образование VII/1 или студирал според Болоњската декларација и има 240 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС);
- да има положено стручен испит потребен за работа како овластен актуар;
- да има најмалку една година работно искуство во областа на осигурувањето или супервизија на осигурувањето;
- да не извршувало функција на лице со посебни права и одговорности во друштво за осигурување или друго правно лице над кое е отворена стечајна постапка; и
- да не му е претходно одземена дозволата за работа како овластен актуар.
- Покрај одредбите од претходниот став, лице кое има положено стручен испит за вршење работи како овластен актуар во странство може да добие дозвола за работа како овластен актуар во Република Македонија, доколку ги исполнува и следниве услови:
- квалификацијата на лицето да е со стандарди не пониски од стандардите што се бараат согласно Законот; и
- лицето успешно да го положи испитот со кој се обезбедува дека тоа лице има адекватно знаење на законите и праксата во Република Македонија потребни за работа како овластен актуар во Република Македонија.
- Агенцијата за супервизија на осигурување ќе донесе решение за одземање на дозволата за работа како овластен актуар, доколку:
- дозволата е добиена со наведување невистинити податоци;
- лицето повеќе не ги исполнува условите од претходните ставови; и
- лицето ги прекршило правилата на актуарската професија.