Во Република Македонија, согласно Законот за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) издава дозволи за работа како овластен актуар.

Исто така, согласно овој Закон, АСО може да овласти орган или правно лице кое спроведува обука за работа како овластен актуар, но во моментот АСО е единствена институција која спроведува едукација со која кандидатите се стекнуваат со диплома потребна за добивање дозвола за работа како овластен актуар. Исто така, наставната програма за полагање на стручниот испит за актуар, за сите предмети,  ја донесува АСО.

АСО врз основа на констатирана потреба, може најмалку еднаш годишно да организира циклус на актуарски студии, за што објавува оглас во дневен печат и на својата веб страница ги известува заинтересираните кандидати за времето и местото на одржување на обуката, односно испитите. АСО може да не ја спроведе обуката доколку не се пријават доволен број на кандидати.

Доколку врз основа на објавениот оглас, се пријават доволен број на кандидати започнува циклус за актуарска едукација кој трае 2(две) години и составен е од 15 испити. Предметите и наставната програма за испитите се објавени на веб страницата на АСО. Оваа програма во целост е усогласена со наставната програма на МАЗ „Актуар“ која претставува услов за редовно членство во Здружението.

Предавањата за секој испит, во определениот број наставни часови, се одржуваат во текот на една недела. Три недели после завршувањето на предавањата од одреден предмет, кандидатите имаат можност да го полагаат испит од предметот кој го слушале. Доколку некој кандидат не го положи успешно испитот, има можност една недела потоа да го полага испитот повторно. Доколку кандидатот не го положи успешно испитот и вториот пат, кандидатот ја завршува неуспешно актуарската едукација и нема право да ги полага останатите испити. Со други зборови, полагањето на секој испит е условено со успешно полагање на претходниот испит.

По успешно полагање на сите 15 испити, кандидатите добиваат лиценца која е неопходен документ за добивање дозвола за работа како овластен актуар.

Повеќе информации може да се прочитаат на веб страницата на АСО.