Актуар

Актуарите се стручни лица, едуцирани од областа на математика, статистика, веројатност и финансии. Актуарите поседуваат аналитички и деловни вештини кои ги применуваат при анализа на финансиската неизвесност и ризиците за целите на комплексните финансиски и социјални системи во целиот свет.

Актуарите преку анализа на минатите настани, и оценка на тековните ризици, креираат модели кои ги користат за проектирање на идните настани. На тој начин ги предвидуваат финансиските импликации врз работењето и обезбедуваат значајни информации за креаторите на долгорочните стратегии.

Повеќе од 100 години, актуарите во светот ја даваат својата експертиза во управувањето со ризик во осигурувањето на живот, неживотното осигурување, пензиското и здравственото осигурување, а се повеќе се ангажирани и во корпоративните финансии, инвестициите, банкарството, регулативата, образованието, итн.

Покрај математичките познавања, актуарите добро ја разбираат економијата, праксата и законите во државата во која работат, демографските и финансиските движењa, и на практичен и соодветен начин ги презентираат актуарските познавања и резултатите од анализите.

Актуарите, преку националните актуарски здруженија, придонесуваат за заштита на јавниот интерес на земјата преку примена на своите знаења за јавни добра и давање помош и совети во врска со регулативата во областа на финансиите и социјалното и здравственото осигурување.

Актуарите користат уникатни вештини и професионален пристап кон решавањето на сложени проблеми, советување во врска со идните ризици, можности и опции, во различните професионални области на индустријата.

Актуарите се познати по следниве вештини:

  • Проценување и управување со ризици;
  • Решавање на сложени проблеми со користење на математиката, веројатноста и парични текови;
  • Разбирање на сложени финансиски концепти;
  • Примена на аналитички, статистички и математички вештини во областа на финансијата;
  • Детална економска и финансиска анализа;
  • Стратешко размислување;

Традиционално актуарите се познати по работењето во осигурителната индустрија и пензиските фондови, но актуарите сè повеќе играат важна улога во многу разновидни индустрии, вклучувајќи:

  • Осигурување;
  • Инвестиции;
  • Банкарство;
  • Финансиски услуги;
  • Ппензиски фондови;
  • Користи на вработените;
  • Здравство;
  • Инфраструктура;
  • Животна средина;
  • Влада;
  • Data Science;
  • Комунални услуги.

Актуарска професија постои за да се овозможи идна финансиска благосостојба на луѓето, организациите, економијата и општеството.

Нашите вредности

  1. Извонредност
    • постојано доставуваме и оценуваме квалитетна работа;
    • се залагаме за континуиран професионален развој;
    • ги одржуваме највисоките професионални стандарди.
  2. Интегритет
    • се залагаме за етичко одлучување;
    • нудиме објективен совет;
    • комуницираме професионално.
  3. Одговорност
    • се придржуваме до професионален кодекс на однесување;
    • го разгледуваме долгорочното влијание на нашите совети;
    • го земаме предвид јавниот интерес.