На ден 27.5.2016 година, МАЗ се здоби со статус на редовен член на Меѓународното актуарско здружение (IAA – International Actuarial Association).
IAA е формиранa во 1895 година и e реформиранa во 1998 година. IAA претставува светска асоцијација на професионалните актуарски здруженија, со бројни секции од особен интерес за актуарите. IAA постои со цел да го промовира развојот на глобалната професија. Призната е како технички компетентна и професионално доверлива со што обезбедува служење на јавниот интерес.
Мисијата на IAA, како светска организација на актуарските здруженија е:
- да ја претставува актуарската професија, да ја промовира нејзината улога, репутација и признавање на светско ниво; и
- да го промовира професионализмот, да развива стандарди за едукација на актуарите и да го охрабрува истражувањето со активно учество на нејзините членки, а со цел да ги адресира потребите кои ги налагаат постојаните промени.
IAA брои вкупно 73 редовни членки – актуарски здруженија.
Повеќе информации за IAA може да се добијат на следниот линк.
МАЗ е придружна членка на IAA од 2006 година. Како придружна членка на IAA, МАЗ ги уживаше следните користи:
– добивање совети и асистенција од експертските комитети во врска со кодексот на однесување, стандардите на работа, дисциплинската постапка, критериумите за едукација итн.;
– пристап до билтените на IAA, најновите објави, трудовите на Kомитетите на IAA и останати публикации;
– присуство на регионални семинари и годишни состаноци со цел да се биде во тек со развојот на професијата на меѓународно ниво и вмрежување со останатите актуарски здруженија.
Со здобивање на статус на редовна членка на IAA, покрај горенаведените користи, МАЗ се здобива со право на гласање и назначување на делегат (и заменик делегат) кој ќе го претставува здружението пред Советот на IAA, а со цел да допринесе за моделирање на иднината на актуарската професија на светско ниво. Исто така, МАЗ ќе може да назначи претставници во Комитетите на IAA, што нуди непроценливи можности за размена на идеи, како и работа за изнаоѓање решенија.